Чашата на трпението на пелагониските сточари е прелеана. Предводени од здружението „Пелагониско поле“ за в среда најавија нов протест. Премијата за млекото, субвенциите и цената на млекото се во фокусот на реакцијата.
В среда на 30 септември во 11 часот сточарите, пелагониските фармери најавија блокирање на патот Битола-Прилеп кај Тополчани односно како што прецизираат кај млинот „Осман“.
Велат дека и овојпат ќе го искажат својот револт од 9 месечното (деветмесечното) доцнење на премиите и сибвенциите за млекото, драстичниот пад на откупните цени и неисполнетите ветувања на институциите.
Според досегашните реакции, платежната агенција за земјоделие не исплатила премија за млекото 10 месеци, од јули ланската година. Според проценките на сточарите, тоа се околу 500 милиони денари што државата им ги должи.
Втората реакција се однесува на откупната цена. велат поевтино е од обичната вода. од ланските 33 денари за литар, цената е намалена за 10 денари и денеска се откупува за 23 денари за литар.

На крај, субвенциите по грло за 2025 година се конечно исплатени, но има револтирани сточари кои велат дека им бил скратен износот па наместо 12.000 денари добиле по 8.000 денари.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од јули годинава има нов министер. Оттаму информираат дека во истиот тој месец биле реализирани седум одделни исплати во вредност над 1,2 милијарди денари, а дека во текот на целата година кај земјоделците биле испратени околу 6,5 милијарди денари. Од министерството стојат цврсто на ставот дека проверката на документацијата и теренот ќе има поситно сито, дека нема да се толерираат „непостоечки“ грла или нереални приноси.
Сточарите деновиве се во ек на организација на овој најнов протест што го предвидуваат за в среда преку социјалните мрежи, кадешто може да се најдат коментари на јавно признание за тие кои се решиле гласно да побараат тоа што им припаѓа од тие кои отворено коментираат дека стравуваат да излезат на протест во кој ќе се блокира главната пелагониска сообраќајница.











