ТЕРА

REKLAMA???

СЕ УРЕДУВА ПЛАНИНАРСКАТА ПАТЕКА ДО БРАЈЧИНО

Од Нижо Поле, преку Големо Езеро и Дебел Рид, па сè до Брајчино, започна уредувањето на една од значајните планинарски патеки во овој дел од планината. Трасата е долга 19 километри, а активностите што веќе се одвиваат на терен треба целосно да го променат нејзиниот изглед и условите за движење.

Прв чекор е расчистувањето на вегетацијата долж целата патека. Потоа следува обновување на постојната Кнафелцова сигнализација, за планинарите полесно да го следат правецот, но и поставување нова зимска маркација на делот од Нижо Поле кон Големо Езеро, преку Дебел Рид.

На терен ќе се постават и нови патокази. Од Големо Езеро ќе бидат означени правците кон Мало Езеро и кон врвот Пелистер, со што треба да се олесни ориентацијата за оние кои се движат низ овој планински простор.

Но, зад поставувањето на секоја ознака и расчистувањето на секој дел од патеката стои сериозна работа. Теренот е исклучително тежок, со алпски карактеристики, а до дел од локациите не може да се стигне со возило. Затоа, опремата и работниот алат работниците и планинарите ги носат на раце.

Активностите се реализираат во соработка со планинарски организации и иницијативи,меѓународни партнери и дипломатски претставништва, како и со надлежните државни институции.

Идејата не е само патеката повторно да биде видлива и обележана. Со подобрата сигнализација, зимската маркација и патоказите, треба да се создадат услови за побезбедно движење и подобра ориентација на планинарите, а воедно да се подобри и планинарската инфраструктура која ги поврзува Пелистер, Преспа и Брајчино.

Патеката Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино така постепено добива ново лице, а со неа и уште една можност планинскиот простор да се користи за планинарење, рекреација и развој на одржливиот туризам.