ТЕРА

REKLAMA???

ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ

Централниот настан по повод почетокот на новата академска година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.

Свеченоста за студентите ја следеа претседателот на Сенатот, проф. д-р Николче Јанкуловски, професори, гостите – градоначалници на Битола и Новаци, Тони Коњановски и Стевче Стевановски, претставници од ИТ компании со кои ФИКТ има воспоставено соработка и други гости.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски на новата генерација студенти им посака срдечно добредојде на првиот и засега единствен македонски европски универзитет, бидејќи УКЛО од 1 јануари 2024 г. е дел од Европската универзитетска алијанса COLOURS,  заедно со уште осум универзитети, со кои ќе се споделуваат и предмети и настава. Според ректорот, тоа претставува исклучителна поволност што ќе ги намалува бариерите за едукација за сите чинители низ регионите на Европа.

Деканот на ФИКТ, Благој Ристевски поздравувајќи ги 160-те  бруцоши кои зачекоруваат во нова, академска средина, изрази задоволство дека се најбројната генерација  студенти во десетгодишното постоење на Факултетот и им посака успешно неколкугодишно патување на кое ќе се стекнуваат со знаења и искуства кои понатаму ќе ги надградуваат.

Честитки и успешни студии до сите студенти на УКЛО упати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Тој се осврна кон напорите кои Општина Битола и УКЛО взаемно ги обезбедуваат за подобри услови за студентите и нивно вклучување во општествениот живот.