Во КИЦ Битола беше одбележан 5. Мај, Денот на македонскиот јазик, денот на македонската азбука со претставување на творештвото на писателот Раде Силјан .
Во преполната сала присуствуваа поголем дел ученици и беше претставен неговиот штотуку излезен од печат роман “Туѓинец во својата земја”. Присутните беа поздравени со една песна на Раде Силјан “Тестамент” .

Силјан работел како новинар во „Студентски збор“, „Наш свет“, „Железничке новине“ и Радио Скопје. Бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на „Македонска книга“. Исто така, тој е основач на книгоиздателството “Матица македонска” од Скопје.Член е на ДПМ од 1982. Во два мандати бил претседател на Друштвото, како и претседател на Собранието на друштвото.

Член е на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Главен и одговорен уредник на едицијата „Македонски искушенија“ и член на редакцискиот одбор за подготовка на издавачкиот проект „135 тома македонска книжевност“. Почесен член е на Македонското друштво за наука и уметност во Битола. Член е и на меѓународната академија „Махаи Еминеску“ во Крајова, Романија и на Славјанската академија во Варна, Бугарија.
Раде Силјан зад себе има богат творечки опус. За сите овие години наназад има оставено трајно наследство низ бројни пишани збирки, есеи и критики. Меѓу неговите најпознати дела ќе ги издвоиме: “Што ќе речат нашите внуци”, “Триптих за Македонија”, “Сенки на јавето”, “Гласник” и многу други.
Добитник е на осумнаесет национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите „Ацо Шопов“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, како и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело. Поезијата и критиката се негова главна животна преокупација.












