Кумановскиот театар премиерно ја изведе претставата „За кого бијат камбаните“ по текст на Ернест Хемингвеј, во режија на Мартин Кочовски. Во неа игра целиот актерски тим на институцијата со млади актери како надворешни соработници: Александра Михајловска, Александра Пешевска, Антонио Димитриевски, Владо Дојчиноски, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Јанка Лефкова, Кети Дончевска-Илиќ, Мирослав Петковиќ, Мишо Димитријевски Шипе, Нина Максимова и Чедомир Митевски.
За актерите оваа претстава е особено важна, бидејќи учествува целиот тим, токму во годината кога тетар Куманово одбележува 75 години од постоењето.

Режисерот Мартин Кочовски истакна дека по 20 години повторно работи со екипата на кумановскиот театар и дека токму првата претстава ја работел со театарот од Куманово.
Драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска рече дека имала одлична соработка со актерите.
„Во фокусот на претставата „За кого бијат камбаните“,се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта. Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава. Оваа претстава ни нуди увид во комплексноста и важноста на индивидуалното искуство“, пишува драматургот, Митоска-Ѓорѓиевска. Сценограф на претставата е Филип Јовановски, а музикатае на Пеце Трајковски Брада.

Актерот Горан Илиќ со својата улога ја одигра последната претстава во богатата актерска кариера, пред да замине во пензија оваа лето.Претствата е поддржана од Министерството за култура.












