ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕПОЛНА САЛА ЗА КОНЦЕРТОТ НА ДАВОР НЕЌАК И ГОРЈАНА СТОЈАНОВСКА

Во преполната сала на Офицерскиот дом во Битола, синоќа, во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, се одржа солистички концерт на Давор Неќак – баритон, во прудружба на Горјана Стојановска – пијано. Многубројната публика имаше можност да ја проследи концертната програма исполнета со дела од П. И. Чајковски, Џ. Верди, М. Равел, С. Рахмањинов, како и дела на други композитори.

Давор Неќак е роден е во Битола, а солист e на операта во Риека во Хрватска, а неодамна ја доби специјалната награда на Љубљанската опера. Музичкото образование го започнал како пијанист, а средното образование го продолжил во класата по соло пеење на проф. Маја Митровска.

Своите студии ги продолжува на Музичката академија во Загреб во класата на Влатка Оршаниќ . Веќе на третата година од студиите на академијата во Загреб, со 21 година положува аудиција во Загребачката опера и дебитира со улогата на Моралес во Кармен. Следуваат улогите: Меркуцио во операта „Ромео и Јулија“во продукција на Хрватскиот народен театар во Ријека, улогата на Пандолф во операта „Пепелашка“ во продукција на Музичката академија во Загреб, улогата на Колас во операта „Бастиен и Бастиена“ во продукција на ХНК. Вараждин, улогата на Ван Стин во оперетата „Моќта на љубовта“, во соработка со Риечкиот театар и Загребачката филхармонија, улогата на Мајорот во операта „Животинска фарма“во продукција на Музичката академија. Оперската басна на Куљериќ е комплексен проект под диригентска палка на Младен Тарбук, а во режија на Крешимир Доленчиќ. За изведбата на ова дело, Музичката Академија ја доби наградата „Ватрослав Лисински“, која ја доделува Хрватското друштво на композиторите за допринос кон хрватското музичко творештво.

Веќе како студент е добитник на бројни награди, меѓу кои 1-ва награда на меѓународниот натпревар во Словачка, Трнава – „Микулас Шнајдер Трнавски“, посебна награда на натпреварот ЗИНКА МИЛАНОВ, доделена од Љубљанската опера , номиниран е за Хрватската актерско-оперска награда во категоријата „исклучително оперско достигнување за млади уметници до 30 години“, за улогата на Пандолф во операта „Пепелашка“.

Стојановска   своето музичкото образование го започнува  како пијанист во музичкото училиште во Битола. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, специјализираше во класата на врвниот пијано-мајстор од Ерменија Рубен Далибалтајан, при Talent Music Master Academy во Бреша, Италија. Награди освојувала уште од основно музичко училиште, тука се наградите на државни натпревари, EMCY наградата, награди во рамки на ФМУ-Скопје, меѓународни натпревари. Еден од позначајните концерти е и оној за 4 раце, кој го изведе заедно со проф.Маја Божиновска.