Со симболично чистење на дива депонија во Преспа, денеска започна кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, чија цел е да се поттикне одговорноста и подобрат практиките на локалното население за правилно постапување со отпадот.
Преспа со години се соочува со проблеми во управувањето со отпадот – од несортиран отпад, преку диви депонии, до загадување на почвите и Преспанско Езеро, а оваа кампања е чекор кон решавање на тие проблеми преку едукација, соработка и вклучување на населението, фармерите, локалните институции, бизниси и училишта. Во наредните две години, преку неа треба да се подобри информираноста на населението за одделното собирање, преработката и правилното отстранување на отпадот, како и за штетните последици од негово неправилно управување.

„Нашата Преспа со својата исклучителна природна убавина и богатство, како и догогодишната земјоделска традиција заслужува многу повеќе од тоа што и се случува последнава деценија. За жал регионот се соочува со сериозни предизвици во управувањето со отпадот, од неселектиран отпад и диви депонии до загадени почви и води, вклучително и Преспанското езеро. Ова не се само еколошки, туку и здравствени, економски и социјални проблеми. Затоа не е доволно само да се зборува за тоа, потребно е конкретно дејствување со заеднички сили“ рече Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии.

Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ ќе ги потенцира специфичните проблеми во регионот, како што се ниската информираност за селектирањето на отпадот, недостигот на опрема и контејнери особено во селата, непостоењето на систем за компостирање на биоразградлив отпад и загадувањето на водите и почвата од прекумерното користење на агрохемиски препарати.
„Заедно со граѓанските организации, најмладите, општината, Европската унија продолжуваме на веќе триесетина нотирани вакви локации, каде што ќе продолжиме со чистење, но покрај тоа влегуваме и во проектот за подигнување на јавната свест на селекција на отпадот, компостирање и слично“ рече Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.

Таа ќе вклучува низа едукативни и практични активности – дискусии со населението, фармерите и бизнис секторот, теренски акции, јавни настани за подигање на свеста, активности во училиштата и медиумски содржини.

Кон акцијата се приклучи и јавното комунално претпријатие „Пролетер“ од Ресен.
„Кое има за цел да ја подобри животната средина во нашата убава Преспа и преку зајакнување на соработката меѓу граѓанскиот сектор, локаната самоуправа и јавното комунално претпријатие да дојдеме до едно партнерство, до решение кое што ќе биде трајно за сите генерации понатаму“ вели Марчел Русу, директор на комуналното претпријатие „Пролетер“.

На настанот се приклучија и млади активисти и волонтери, кои со помош на механизацијата на ЈКП „Пролетер“ учествуваа во чистењето на локација во близина на преспанското село Царев Двор, која често се користи за нелегално исфрлање отпад. Такви диви депонии во Преспанскиот регион има дури 38.

„Јас само би додала дека Преспа од денеска почнува да се буди за почиста и поубава животна средина. Ние како еко герила Преспа десет години работиме на проблематиката со отпад, комунален и диви депонии и сметаме дека ова е начинот да се канализира и нашиот труд и поддршката од локалната самоуправа, од јавното комунално претрпијатие и секако европските фондови. Ја поздравувам оваа можност која што ја добивме и се надевам дека за прв пат можеме да направиме едно вмрежување од бизнис сектор, локална заедница, граѓански сектор и институции и сите да покажеме колку многу ја сакаме Преспа“, вели Марија Ефтимовска од Екогерила Преспа.

Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво во Ресен, со финансиска поддрша од Европската унија, во рамките на проектот „Поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпадот во регионот Преспа“.












