Локалните функционери со години наназад се смешкаат на тркалезни маси и кројат стратегии за туризам во Битола, но факт е дека туризмот во Битола не само што не се развива со поддршка на општината, туку и она малку што го имавме, особено на Пелистер, го уништивме. Затоа, по малку смешно изгледаат ПР настаните за тркалезни маси на кои големците кројат стратегии за туризам до 2032 година. Вистинската „посветеност“ на локалната самоуправа за развој на туризмот најдобро се гледа преку два брутални примери: колку пари од општинскиот буџет трошиме за оваа цел и епопејата за планинарскиот дом Копанки.
Програмата за туризам во Битола со години е на ниво на статистичка грешка, под мизерни 0,3% од вкупниот општински буџет, што секако не навестува дека локалната самоуправа е „живо заинтересирана“ да го развие туризмот во градот. Уште пошокантно е како се трошат и тие малку пари. Дури 75% од туристичкиот буџет за 2026 година (6 милиони од вкупните 8 милиони денари) се „истураат“ за само еден месец, за манифестацијата „Зимска приказна“. Локалната власт веројатно свесно избира евтин новогодишен популизам за брзи гласови на Широк Сокак, жртвувајќи го развојот на туризмот во преостанатите 11 месеци од годината.
Соседните градови, како Крушево, уште во времето на градоначалникот Томе Христоски покажаа како со паметно менаџирање, преку ЕУ фондови и ИПА програми, се прави вистински 4 сезонски авантуристички туризам без расфрлање на општинската каса. Битола, од друга страна, со сиот свој огромен капацитет, остана заробена во сопствената неспособност.
Ако „Зимската приказна“ е симбол за краткогледиот популизам, тогаш епопејата за планинарскиот дом Копанки е вистински споменик на лагите за развој на туризмот во Битола. Поминаа речиси 15 години од пожарот, а оваа клучна туристичка точка на Пелистер сè уште е недовршена. Повеќе од една деценија објектот беше заложник на политички суети и бирократски кочници, а откако конечно почна да се гради, роковите станаа предмет на постојана манипулација. Градоначалникот Тони Коњановски лично ветуваше дека домот ќе биде готов летото 2025 година. Летото помина, ветувањето пропадна, а новиот рок експресно се премести за сезоната 2026/2027. Но, општината дури сега се сети дека нема решено основни инфраструктурни прашања, како пречистителна станица за отпадните води. Наместо стратешки развој, Копанки се гради „на лажичка“, со парцијални средства, како да е приватна викендичка.
Крајно лицемерно е да се седи на тркалезни маси со еминентни професори и да се кројат европски стратегии, додека во пракса туризмот е оставен на маргините. Битола има културно наследство и природни убавини за кои многу развиени дестинации можат само да сонуваат. Сè додека со овој потенцијал се менаџира преку лажни рокови и евтин популизам, градот ќе остане само пропуштена шанса на туристичката мапа.
Битолската туристичка „приказна“: Популизам за нецел месец, лаги за цела деценија











