Во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје беа доделени признанијата „Библиотека на годината за 2022 година” од страна на Библиотекарскотото здружение на Македонија .
Од категоријата средни училишта признанието го доби Средното училиште „Јосип Броз Тито“ – Битола и библиотекарот м-р Драган Ристевски. Тој е дипломиран новинар-политиколог, вработен како библиотекар во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ .

„ Целосно и професионално бев посветен кон библиотекарската и педагошка дејност кон генерациите прекрасни читатели и мои ученици од Горната Гимназија. Токму тие ученици беа поттикот и мотивот што завршив магистратура од областа на надарени и талентирани на Педагошки факултет во Битола“, изјави Ристевски.
Комисијата беше во состав: Јана Михајловска-Иванов, Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, Андријана Апостоловска, Елена Станкоска и Ѓултен Ајрули . Признанието на Ристевски доаѓа како резултат на повеќегодишната посветена активност на планот на библиотекарската дејност во Училишната библиотека во Горната Гимназија во Битола.

Во категоријата основни училишта признание доби Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ – Скопје и библиотекарката Славица Тодорова; и во категоријата Национални установи признанието го добива НУУБ „Григор Прличев“ – Охрид, директорот Милчо Јовановски.
„Бидете пример и поттик за вашите колеги од оваа дејност. Следната година очекуваме многу повеќе пријави во сите категории на библиотеки“, беше истаканато на манифестацијата.
Признанијата се доделуваат по повод Националниот празник Свети Климент Охридски.












