Во пресрет на Денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември, општина Битола, подготви програма со различни настани низ кои се презентираат значајните и традиционалните вредности на градот, низ културно – забавни, спортски, литературни, филмски и театарски содржини. Со цел, поттикнување на детската креативност и ентузијазам, како и вклучување на најмладите во празничните активности, четвртоноемвриската програма, содржи програмски содржини и за најмладите. Во детскиот дел, најмладите ја погледнаа и детската претстава „Јованче и Марика“ на театар Бабец од Битола.
Се работи за една многу позната приказна од браќата Грим.

Со оваа претстава на 26. јули Бабец театар настапуваше во Европската престолнина на културата за 2022 година – Нови Сад, како дел од детскиот фестивал Лименка фест. Тие имаа можност да го презентираат македонскиот театар за деца, да ја промовираат нашата општина Битола како град во кој сериозно се вложува и се негува театарот за деца и на крајот публиката имаше можност да го слушне нашиот македонски јазик.
Претставата својата премиера ја имаше во 2017 та година со која започна седмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Истата е во режија на Васко Мавровски, а играат: Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Катерина Аневска, а костимографијата е на Благој Мицевски.
Раскошни костими, одлична музика која ве крева на нозе и ве носи во светот на имагинацијата, впечатливата сценографија и феноменалните актери од Македонија, се дел од оваа претстава.
Авторите на претставата додаваат дека целта на тоа што го создале е да им покажат на децата како сме посилни со многу љубов и грижа еден за друг и дека секоја авантура може да не научи на нешто ново, а пред се е важно да научиме да правиме разлика помеѓу злото и доброто.
Токму за улогата во оваа претстава актерката Јулијана Мирчевска за улогата на Марика ја доби наградата за најдобра женска улога на првото издание на ИФДТ “Игор Маџиров“.












