Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во Европа, покажаа најновите истражувања, презентирани денеска од канцеларијата на регион на Светската здравствена оганизација (СЗО).Скоро половина од возрасната популација во Македонија пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Македонија сè уште не е на задоволително ниво.

Канцеларијата на СЗО во Македонија, во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) одржа национална презентација на резултатите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Македонија, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во Македонија. Настанот се организира во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 мај.

Mинистерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно.
„Студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови, специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението.”, рече министерот.
Употребата на тутун, вели СЗО е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.
Присутнтите стручни лица и здравствени работници се осврнаа на наодите од истражувањето, ги дефинираа предизвиците и ги одредија потребните идни активности во поглед на употребата на тутун и откажувањето од пушење кај пациентите.












