Пчеларите од битолскиот дел на Пелагонија деновиве интервенираат со прихрана на пчелните семејства поради недостиг од храна.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола, прихраната се врши со погачи кај пчелните семејства каде што нема доволно храна, при зазимувањето и во пресрет на втората половина од јануари кога пчелните друштва ја зголемуваат својата активност.
– Во овој период пчелните семејства инстиктивно чувствуваат потреба за обновување, па почнуваат со формирање на ново легло. Матицата започнува со полагање на нови јајца и животот на пчелното друштво почнува да се менува. Започнува поголемо трошење на храна а посебно на полен. Бидејќи пчелите интензивно почнуваат да ја хранат матицата, да го хранат и негуваат леглото, потрошувачката на храна и полен се зголемува. Со зголемувањето на потрошувачка на храна и на забрзување на другите животни процеси во пчелното друштво, во кошницата доаѓа до појавување на водена пареа и јаглероден диоксид поради температурната разлика па затоа вентилацијата е од посебно значење, за да не дојде до мувла по краевите – велат од АПРЗ.
Притоа, додаваат дека ако во текот на јануари се појават повеќе топли денови тогаш леглото се зголемува што резултира со поголема потрошувачка на храна, а посебно на полен кој многу се троши за исхрана на леглото, без кој нема и лачење на млеч.
– Затоа кај оние пчелни семејства кај кои не е оставено доволно храна при зазимувањето треба да се интервенира со прихрана погачи, препорачуваат од АПРЗ.












