ТЕРА

REKLAMA???

Работилница во Битола за физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер

Денес во салата на Советот на Општина Битола се одржа втората работилница за изработка на физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер.

Експерти од Словенија, Франција и Андора на презентацијата посочија дека главната цел е на Пелистер да се привлечат што поголем број на странски туристи, но, истовремено да се зачува екологијата и да се заштити биодиверзитетот на Баба планина.

Стручњаците посочија дека со реализацијата на овој голем проект посетителите ќе можат да се искачат на самиот врв на планината и да уживаат во магичната глетка од врвот Пелистер.

„Токму затоа, целта на овој проект е да се изгради инфраструктура којашто би овозможила што поголем број на странски туристи да го користат Пелистер како видиковец и туристичка атракција во сите четири годишни времиња“, посочија експертите.

Тие на денешната втора работилница за изработка на физибилити студијата информираа дека во предвид се земени и климатските услови, проблемот со силните ветрови, снежните лавини и други временски проблеми.

За потенцијалната инфраструктура за изградба на гондола, експертите од Франција и Андора се на размисла, гондолската жичарница да биде со две правоаголни гондоли со капацитет од илјада луѓе на час.

Денешната работилница во Битола е всушност и продолжување на започнатиот процес на детална анализа и подготовка на студијата, како и размена на искуства со експертите.

Тие велат дека потенцијалот е голем, дека луѓето се повеќе ја сакаат природата, но, сепак треба некаква инфраструктура како би дошле до таа природа.

Според нив, изградбата на ваква гондола во другите земји ја зголемиле посетеноста на туристи од странство.