Управниот одбор на ЈП „Пазари“ на седницата на 26.04.2022 година донесе одлука за поништување на одлуката за продажба на земјоделски производи на паркингот на Градскиот реонски пазар во Нова Битола.
Од „Пазари“ велат дека после направените анализи и согледувања на состојбите во Јавното претпријатие, а на барање на граѓаните кои гравитираат околу Градскиот реонски пазар, сопствениците на дуќани во Градскиот реонски пазар, закупците на тезги во Градскиот реонски пазар, ја донеле ваквата одлука.

Понатаму се вели дека „Пазари“ пред да пристапи кон носење на ваква одлука обезбедени се доволно продажни места во продажниот простор на пазарот.

„Во моментот и во периодот кој следува работиме на подобрување на хигиенско- техничките услови во Градскиот реонски пазар. Им благодариме на советниците од сите советнички групи кои на синоќешната седница на Советот на Општина Битола оваа одлука едногласно ја изгласаа. ЈП Пазари во континуитет ќе работи на подобрување на условите за работа на пазарџиите, како и обезбедување на задоволство при пазарењето на граѓаните. Со оваа одлука се надеваме дека ќе се стави крај на безредието, нехигиената и хаосот кој владееше во околината на паркингот на Градскиот реонски пазар“ стои во соопштението на „Пазари“.
Оваа одлука на „Пазари“ вчера се најде на дневен ред на Советот на општина Битола.
Засегнати од ваквата одлука на „Пазари“, оние кои продавале на паркин просторот на реонскиот пазар, со години наназад, отидоа во дворот на општината, односно пред зградата каде што се оджуваше седницата на Совет, да побараат објаснување за како што велат нивното отстранување од тој дел.

Бараа одговор на прашањето за обезбедување на дотур на стока и излез од пазарот, потоа дали сегашните пазарџии во внатрешноста ќе отстапат слободно место за нив, план за распоред на тезгите во тој дел, како и за хигиената и тоалетите.
На седницата беше и директорката на ова јавно претпријатие Соња Карапашовска, а расправата ја следеа засегнатите од галеријата во советот на општината.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски од говорницата рече дека советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија даде предлог да се донесе одлука за нова реорганизација на новиот пазар во Нова Битола со цел да се излезе во пресрет на сите продавачи на овошје и зеленчук кои своите производи досега ги продаваа на паркингот во супстандарни услови.

„Предлогот беше едногласно усвоен од страна на сите советнички групи. ВМРО ДПМНЕ и како одговорна локална самоуправа согласно своите надлежности продолжува да се грижи за земјоделците! Со оваа одлука ќе се подобри хигиената во новиот пазар“ рече советникот Бојкоски.
Кординаторот на советничката група на СДСМ и Коалицијата, Методија Илиевски рече дека победија аргументите и вољата на граѓаните.
„Градот мора да биди чист. Пазарџиите мора да добијат соодветни услови за работа“ вели Илиевски.

Крај на безредието, нечистотијата и расфрланото ѓубре околу пазарите, беше коментарот на советниците од Поинаку.

„Со одлука на Советот на Општина Битола се забранува издавање под закуп и користење на паркинг просторот на пазарот за продажба од возила, а продавачите имаат продолжен рок од 15 дена за да направат дислокација, односно да склучат договор за закуп на тезга! Воедно ЈП Пазари ги прифати поголемиот дел од барањата и забелешките на пазарџиите и советниците:
-подобрени хигиенски услови
-редовно миење на пазарот
-санирање на оштетените плочки и тоалетите
-промена на распоредот на тезгите
-обезбедување на слободен пристап за при влез и излез за дотур на стока“ велат од Поинаку.
Од Левица рекоа дека после долга и макотрпна борба советниците на Левица-Битола успеаа да ги обезбедат условите кои пазарџиите ги побараа.

„ Дискусиите траеа долго, но на крај барањето беше прифатено едногласно од советниците и на истите се согласи и директорката на ЈП Пазари. Директорката даде рок дека во наредните 15 дена ќе ги обезбеди условите на пазарџиите. Будно ќе го следиме реализирањето на барањата на пазарџиите, и нема да дозволиме да бидат дислоцирани до исполнувањето на условите кои ги побараа“ велат од Левица.












