Светиот синод на Руската православна црква на вчерашната седница ја призна Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како автокефална сестринска црква. На веб страницата на Руската православна црква е наведено дека на седницата на Светиот синод на Руската православна црква, била слушната пораката на рускиот Патријарх Кирил за автокефалноста на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.
„Синодот одлучи да му се заблагодари на Господ Бог за решавањето на прашањето за статусот на Православната црква во Северна Македонија на канонска основа и да ја признае Македонската православна црква – Охридска Архиепископијата, како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот Поглавар, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, во светите диптиси,“ се вели во соопштението.
Членовите на Синодот, се вели во објавата на Руската православна црква, изразија надеж дека МПЦ – ОА, најмладата во семејството на автокефалните православни цркви, цврсто ќе ја зачува светата православна вера во чистота и интегритет и ќе ја запази верноста на православната канонска традиција.













