Заменик помошникот државен секретар на Соединетите држави и специјален пратеник на претседателот Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар го посети вчера православниот манастир Високо Дечани, во западно Косово, заедно со заменичката амбасадор на САД во Косово, Алисон Грундер. Делегацијата предводена од Ескобар, на која ќе се придружи и високиот советник во Стејт департментот, Дерек Шоле денеска во Приштина ќе разговара со највисоките претставници на косовските институции, а утре ќе престојува и во Белград.
Посетата на Ескобар и Шоле на двете земји се случува во време на зголемена напнатост предизвикана од блокадите на локалните Срби во северно Косово, при што се случија и неколку напади со огнено оружје и експлозивни направи.
Косово и Србија мора да ја деескалираат тензичната ситуација во регионот, изјави денеска шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел откако српските демонстранти во северно Косово вчера втор ден ги блокираа главните патишта.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за британската агенција Ројтерс изјави дека Белград бара ослободување на сите уапсени Срби и начин за смирување на тензиите во северно Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Во интервјуто, кое го даде по седницата на Советот за национална безбедност, Вучиќ повтори дека Србите на Косово не смеат да учествуваат во насилството врз припадниците на силите на КФОР и ЕУЛЕКС.












