Според податоците на Државниот завод за статистика, во академската 2021/2022 година се запишале вкупно 51 510 студенти, што претставува зголемување за 1.2% во однос на академската 2020/2021 година. Од нив 8.764 студираат медицина на трите државни факултети во државата. Министерот за здравство Беким Сали при последната посета на Битола рече дека во време на пандемија само на Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје дипломирале околу 100 доктори со просечна оценка над 9.

„Јас во минатиот период најавив дека ќе преземам иницијатива за вработување на 50 најуспешни студенти коишто завршиле на медицински факултет имајќи во предвид дека ќе бидат инклузивно претставени и универзитетот Гоце Делчев во Штип и Тетовскиот универзитет, така што ќе направиме сумирање на најуспешните студенти по медицина и да ги вработиме и да им овозможиме да специјализираат на клиники кај нас. Младата популација ни е многу квалитетна. Само за илустрација во текот на 2021 и 2022 година кои што беа години на пандемија, ние имаме околу 100 успешни доктори кои дипломирале со пресечна оценка над 9, ова само за Универзитетот Св.Кирил и Методиј, не сме ги зеле во предвид Тетовскиот универзитет и Универзитетот „Гоце Делчев“, така што ние таа бројка од 50 нови вработувања која што треба да ја направиме на клиники кај нас, сметам дека ќе имаме проблем за одлучување кого да биде вработен. Тоа укажува дека имаме многу квалитетен кадар којшто ние го спремаме со години и го даваме за жал на служење или во други држави или пак се разочаруваат од околностите во коишто ние живееме, и како одговорни политичари, јас како министер мора да најдам начин како да го задржиме квалитетниот кадар кај нас“, рече министерот Сали.
На Високата медицинска школа во Битола студираат вкупно 467 студенти. Од нив статистиката вели дека 355 се жени, а 112 мажи. Министерот беше прашан како да се задржи квалитетниот кадар во локаланите средини?
„Тоа е резултат на немање континуитет поради чување на место да нема замена во иднина и да бидеме неопходни условно кажано во наводници. Повторно ќе кажам јас на никој начин нема да можам да бидам неопходен за здравството иако сум денес министер, утре можи нема да бидам, сите ние треба да сватиме дека сме минливи, а за доброто на сите ние треба да мислиме на континуитет на примање на нови кадри и како што минуваме кон пензија треба да бидиме заменети со нов квалитетен кадар кој што ќе пружа иста или пак поквалитетна здравствена услуга кон граѓаните“, рече министерот.
На Медицинскиот факултет во Скопје за лекари учат 2873 студенти, во Штип на Универзитетот „Гоце Делчев“ студираат 2902 студенти, а најмногу нови лекари се подготвуваат на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово, каде што студираат вкупно 2.989 студенти.












