ТЕРА

REKLAMA???

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНИ 62.СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Со музичкиот перформанс во изведба на култниот македонски музичар Џијан Емин, традиционалното палење на поетскиот оган и спектакуларен огномет, свечено се отвори 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Манифестацијата се одржа на платото пред Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во присуство на бројни странски и домашни поети, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор. Поетската порака ја испрати македонскиот поет Милован Стефановски, која потенцираше дека Струга е светска престолнина на поезијата.

„Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.

„Жива е мисијата на браќата Миладиновци за зачувување на поетскиот збор. Вечерва Струга, главниот град на поезијата, по 62- ри пат во својот полн сјај сведочи за визијата на големите македонски автори, кои со децении ја збогатуваат нашата култура. Струшките вечери на поезијата не се само славење на зборовите, ова поетско рандеву е потврда на душата на човештвото. Нашиот ценет лауреат, академик Влада Урошевиќ, не потсетува дека улогата на поезијата се протега и надвор од стиховите. Тоа зборува за нашата колективна совест и ја предизвикува монотонијата на светот кој се повеќе се потпира на алгоритми и вештачка интелигенција. Во оваа дигитална ера, каде зборовите можат да бидат и плитки и моќни, да запомниме дека најмоќните зборови честопати се оние што доаѓаат од душата. Иако вештачката интелигенција може да пишува песна, таа никогаш не може да ги долови длабоките тишини кои често кажуваат сè. До сите поети и љубители на поезијата, вашите зборови нека бидат бедем против секојдневното“, додаде Костадиновска Стојчевска.

Годинешен добитник на највисокото признание „Златен венец“ е македонскиот поет, писател и книжевник, академик Влада Урошевиќ.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија ја доби Димитар Башевски за збирката „Дни, години“, а „Мостови на Струга“ ирскиот поет Гевин Бредли. 

Музичарот Џијан Емин ја изведе нумерата „King Of Sopiste“, додека девојките од балетското студио „БАХ“ го запалија традиционалниот оган. Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќмина автори од земјава и од странство.

Во следните фестивалски денови на „Струшките вечери на поезијата“ ќе можат да се чујат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.