ТЕРА

REKLAMA???

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНО 51.ИЗДАНИЕ НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

Со звуците на „Триумфалниот марш“ од Вердиевата „Аида“ и со палењето на фестивалскиот оган, кој го запали маестро Томислав Шопов, во Македонската опера и балет свечено беа отворени меѓународните 51. Мајски оперски вечери.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање пред присутните, премиерната изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди ја поврза со 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.

Музичките критичари, ќе напишат дека изведбата на оваа опера можат да си ја дозволат само оперските куќи кои располагаат со вистинска вокална моќ.

Годинава фестивалот е во знакот на одбележувањето на 210-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди, а „Набуко“ во МОБ ја постави екипа од Италија. Диригент беше Даниеле Аџиман, режисер Ренато Бонајуто, а како солисти настапија Марјан Јованоски, Абигале Злата Тошевска, Игор Дурловски и други, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

На „Мајските оперски вечери“, кои ќе траат до 31 мај, ќе бидат изведени и: балетот „Лебедово езеро“ од Чајковски, операта „Кармен“ од Жорж Бизе, „Травијата“ од Верди. Јубилејот 210 години од раѓањето на големиот композитор Џузепе Верди ќе биде одбележан со изведба на едно од најмоќните и најдраматични дела во историјата на класичната музика, „Реквием“, каде што ќе свири оркестарот на Филхармонијата, а ќе настапи и хорот од МОБ.

Педесет и првото издание на „Мајските оперски вечери“ ќе биде затворено на 31 мај со изведба на Вердиевата „Аида“.