Два месеци му требаа на Коњановски за да сфати дека нема играње со парите на битолчани. Благодарение на притисокот и упорноста на СДСМ и коалицијата, ребалансот на буџетот што сега го предлага градоначалникот, откако првичниот не му помина во Министрството за финансии, ги содржи сите амандмани што советничката група на СДСМ и коалицијата ги предложи, велат од СДСМ.
„Без амандманите на СДСМ и коалицијата, битолчани ниту ќе знаеја што планира да прави Коњановски со нивните пари, ниту ќе имаше капитални проекти кои треба да го променат на подобро животот на граѓаните!
После два месеци натегање, Коњановски ги прифати предлозите на СДСМ и коалицијата да се изгради кружен тек кај Макпетрол Довлеџик, да се гради јужна трибина на Стадионот Петар Милошевски, да се гради тартан патека на стадионот и нова улица која ќе ја врзе сеуште незавршената Крушевска република со службениот влез на стадионот. Благодарение на СДСМ и коалицијата ќе се изработи документација за фекална канализација за селата Дихово и Ниже поле, женските клубови Топ гол, Атлетико и ЖРК Пелистер ќе добијат финансиска поддршка од буџетот, ќе се изработат Детални урбанистички планови за Старата чаршија и за Широк Сокак.
Доблесно ќе беше од Коњановски и во изјавата за медиумите да признае дека со првично предложениот ребаланс ја претерал со желбите за задоволување на своите и на интересите на ДПМНЕ. Но, нивото на политичка култура што го диктира ДПМНЕ не знае за ништо друго освен за изигрување жртва наспроти сите!
СДСМ и коалицијата нема да се задоволат со прифаќањето на амандманите во новопредложениот ребаланс на буџетот на Општина Битола, туку ќе продолжат будно да ја следат реализацијата на проектите.
Низ работата на работните групи за ребалансот и советниците и јавноста увидоа и сфатија дека во општината не се знае повеќе кој јади, а кој плаќа. Не се знае колку пари има во буџетските ставки, од каде се земат и каде се додаваат средства… тотален хаос во кој Коњановски и ДПМНЕ владеат. Од изнесеното на работните групи, ќе произлезат постапки кои СДСМ ќе ги поведе пред надлежните органи и ќе одговараат сите кои се огрешиле пред законот, а очигледно во општината ги има во голем број!
Само за едно нешто Коњановски е во право. Тој и ДПМНЕ не ја направија општината штедилница, туку коцкарница во која најмногу добиваат членови и симпатизери на ДПМНЕ и роднини и пријатели на Коњановски и неколкумина околу него“ велат од СДСМ.












