Во Македонската опера и балет се одржа традиционалниот Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ .Традицијата востановена пред повеќе од 25 години продолжи, а популарни оперски арии и годинава беа на програмата. Верната публика имаше можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, де Либ, Штраус – помладиот, Офенбах и други.

Диригенти беа Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер: Дејан Прошев, концерт мајстор: Верица Ламбевска, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
На концертот настапија : Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас).

Настапија и хорот и оркестарот на Македонската опера и балет. Василичарскиот концерт по повод Стара Нова година МОБ го организира од 1993 година и се вбројува меѓу најпосетените концерти. За одбележување на традицијата на Василица, на 13-ти јануари публиката во фоајето имаше можност да земе лепче со паричка, а среќниот добитник кому му се падна паричката доби гратис-билети за целата сезона на Македонската опера и балет.












