Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани, вечерва во Собранието, во рамки на 11 -та седница, се избрани замениците министри во Владата.

За заменик министер во Министерството за одбрана e избран Елфет Исмаили, во МВР Астрит Исеини. За заменик министер во Министерството за правда Ален Деребан, а за заменик министер во Министерството за односи со заедници Неждeт Мустафа.
Зоран Димитровски е заменик министер во Министерството за надворешни работи и трговија, а заменик министер во Министерството за европски прашања е Викторија Трајков. Заменик на министерот во Министерството за финансии е Николче Јанкуловски, а во Министерството за економија и труд е Марјан Ристески.
Заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е Мирослав Лабудовиќ. Заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е Флакрон Беџети, а во здравство Јовица Андовски.
Заменик на министер за образование и наука е Лулзим Алиу, во Министерството за локална самоуправа Ерџан Селими, заменик министер во Министерството за култура и туризам е Седат Сулејмани, а заменик министер за дигитална трансформација е Радослав Настасијевиќ Варџиски.
Заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација е Лазе Јаќимоски, а во Министерството за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири.
Заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање е Ане Лашкоска, додека заменик министер во Министерството за спорт е Сафије Садики Шаини.













