Професорката Јасмина Буневска-Талевска го враќа мандатот како советник во Советот на Општина Битола од редовите на СДСМ.
Таа на својот Фејсбук профил објави дека го завршува мандат како Советник во Советот на Општина Битола, бидејќи е именувана за проректор за студентски прашања на битолскиот универзитет.

„Го завршувам мојот мандат како Советник во Советот на Општина Битола, бидејќи, ми е дадена доверба за секторско координирање на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола, како проректор за студентски прашања. Желбата за придонес во развојот на нашиот битолски универзитет „Св.Климент Охридски“, (мојата Alma Mater), желбата за осовременување и подигнување на студентскиот сервис се мојата единствена логична аксиома, и можност да се оддолжам на мојот УКЛО за се’ што ми овозможил во животот, и тоа на најубавиот можен начин – преку работа со студенти“, пишува Буневска-Талевска.
Во своето објаснување таа вели дека заминува задоволна од работата во Советот на општина Битола преточена во иницијатива, донесена одлука, формирана работна група и доставен материјал за начинот на регулирање на доставата на стоки во градот, како и во делот на решенија за подобра велосипедска инфраструктура.
„Се приклучив и кон иницијативата за подобра пешачка инфраструктура, формиравме работна група, на која и доставив работен материјал исто така; Иницијатива и донесена одлука за подигнување на хаварисаните и дотраени возила од територијата на општина Битола. Поднесов и претставка за подобрување на сообраќајната сигнализација во градот, со единствена цел за поттикнување на носителите на одлуките да побрзаат, бидејќи безбедноста на граѓаните нема цена“ пишува таа.
Исто така ги набројува и останатите предлози за решенија во делот на повеќе апсекти на живеењето во градот. На нејзиното место во Советот влегува Кети Неделковска од листата на СДСМ како член на Партијата на пензионери.












