ТЕРА

REKLAMA???

СООБРАЌАЈНА ВИКЕНД АЛКОХОЛНА ХРОНИКА – РЕСЕНЧАНИ И БИТОЛЧАНИ ВО МИТРОВДЕНСКА „ТРКА“

Ресенчани и Битолчани викендов како да биле во трка кој поалкохолизиран ќе управува со своето возило.

Сепак извештајот на СВР Битола од последните 12 часа не дава простор за хумор.

Утринава ( 09.11.2025) во 02:10 часот на ул. „Ленинова” во Ресен, додека цел Ресен спиел, полициски службеници од ОВР го лишиле од слобода жител од с. Царев Двор. Констатирале дека своето „пежо“ го управувал со 2.78 промили алкохол во крвта. Бил отстранет од сообраќајот.

Отприлика во исто време, во 02:19 часот на ул. „Новачки пат” во Битола, 19 годишник, жител на с. Логоварди со патничко возило „Голф“ со битолски регистарски ознаки управувал со 1,64 промили алкохол во крвта.

Малку порано, во 20:02 часот (на 08.11.2025 ) на ул.„Партизанска” во Битола, полициски службеници од СВР Битола запреле возило од марката „Шевролет“што било управувано од Битолчанец кому со дрегер биле измерени 2,55 промили алкохол во крвта.

Сите овие се лишени од слобода од полициските службеници кои го контролираат сообраќајот, документите направени за време на настанот ќе бидат искористени за поднесување пријави за „безобѕирно управување со моторно возило” казниво по чл.297А од Кривичен законик.

Познавачите велат дека и покрај сите законски и последици по безбедноста на другите учесници во сообраќајот, чести се пријави за возење под дејство на алкохол за време на различни верски празници во регионот. Не се размислува за можните казни што освен одземање на возачката предвидуваат и високи парични суми. Доколку се предизвика сообраќајна незгода одговорноста од прекршочна преминува во кривична, а во зависност од последиците казните може да бидат затворски, до неколку години.

Од СВР апелираат да не се вози кога се пие, или ако мора да се конзумира алкохол – да се планира друг начин на сопствен превоз. Само така се покажува одговорност кон сопствениот и туѓиот живот.

Овие „кралеви на патиштата“ во следната една година ќе бидат пешаци.

 

Фотографии: unsplash