На усвоениот предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2022 година, што помина на седница на Владата, реагираше Сојузот на синдикати на Македонија.
„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130000 работници во Државата во време кога економската,енергетската криза и инфацијата ги јадат работничките плати, стои во реакцијата на ССМ.
Понатаму велат дека ССМ и синдикатите бараа зголемување на платата уште од 1 мај и поради тоа на улица излегоа преку 7500 работници кои јасно ја упатија пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш, но очигледно пораката не е разбрана.
„Бараме итна средба со Владата на која ќе биде потврдено тоа што начелно беше договарано и истото да се реализира веднаш.
Ако не биде постигнат договор за 2806 денари сега, од септември истото ќе изнесува 18,4% односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа назад нема!
ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон.
На крајот на соопштението од ССМ велат дека подадената работничка рака може да биде и стисната тупаница во борбата за егзистенција на работиници и фамилиите.












