ТЕРА

REKLAMA???

ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА ИНКЛУЗИВНО ОБРАЗОВАНИЕ И СОЦИЈАЛНА КОХЕЗИЈА ВО БИТОЛА

Во организација на Општина Битола, здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ и со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, денес се одржа тркалезна маса на тема: Инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија во Битола.

На настанот свои гледишта, предлози и планови презентираа Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, и Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, објавија на официјалната фејсбук страна на Општината.

На тркалезната маса беше истакнато дека Општина Битола активно ги мобилизира своите ресурси за да се справи со предизвикот на сегрегацијата во основните училишта, која не само што ја продолжува нееднаквоста, туку и ја попречува социјалната кохезија. Градоначалникот Коњановски нагласи дека општината го прифатила предизвикот да се справи со сегрегацијата како локална одговорност и прашање на човекови права.

„Зборуваме за социјална кохезија, десегрегација, неподеленост во училиштата, поими кои во последните години стануваат сè поактуелни. Наша цел е да најдеме решенија за интеграција на ромската популација и да работиме на проекти за заедничко образование“, изјави градоначалникот Коњановски.

За активната вклученост на општината во решавање на проблемот со сегрегацијата, Фатма Бајрам Аземовска од здружението „Сумнал“ истакна дека денешната тркалезна маса е важен чекор кон идентификување на потребите и проблемите на ромската заедница и создавање на решенија.

Денешниот настан резултираше со сеопфатно разбирање на основните причини за сегрегацијата во основните училишта во Битола, идентификација на успешни локални решенија и развој на акционен план со назначени одговорности и временски рокови.

Општината продолжува да работи на подобрување на условите за образование и создавање можности за инклузивност и социјална кохезија.