Од Министерството за земјоделие информираат дека годинава тутунопроизводителите ги рушат рекордите и испишуваат историја на досега највисока просечна откупна цена од 285 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40% во однос на минатогодишната. Откупот на тутун од реколтата 2022 година тече интензивно во сите 200 откупни пунктови, кои се навремено отворени на целата територија.Тутунарите велат дека ова се должи пред се на тоа што нема тутун и откупувачите се борат да откупат колку што можат повеќе од тутунот кој го има.
„Оваа година нема доволно тутун и фирмите тоа го сватија и секој за да земе повеќе плус тутун тие направија целиот тутун да се цени на прва класа“, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.
За годинешната реколта откуп вршат вкупно 10 регистрирани откупни претпријатија на 200 откупни пунктови со 223 ваги и 216 мостри тутун. До сега се откупени 16.5 милиони килограми од вкупно договорени 25.850 тони. Според информациите од државниот земјоделски инспекторат се очекува откупот да биде целосно завршен пред Нова Година, со што за прв пат во историјата сите тутунопроизводители на своите сметки ќе ги добијат парите пред новогодишните празници, велат од министерството за земјоделие.
Додаваат дека годинава склучени се вкупно 29.653 договори за производство и откуп на тутун што претставува зголемување од 7 % во однос на реколта 2021 година. Зголемување имаме и на површините со тутун за 14% повеќе споредено со лани.
Според тутунските компании земјава има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 140 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува над 20 илјади семејства.
Од министерството за земјоделие велат дека субвенциите не се единствениот начин на поддршка, туку и другите мерки на министерството. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7. Со оваа мерка предвивена е финансиска поддршка до 10.000 евра по корисник.












