Ултразвучен ехо апарат доби Педијатриското одделение при Клиничката болница во Битола. Апаратот е донација од Амабасада на Јапонија во вкупен износ од 52.779 евра.

На настанот присуствуваа јапонскиот амбасадор Савада Хиронори, градоначалникот Тони Коњановски и директорот на Болницата Д-р.Алексанадр Обедниковски.

„Ова е прв ваков апарат на Педијатриското одделение во Битола во последните 25 години и претставува огромна придобивка за јавното здравство во Битола и пошироко во југозападниот регион. Во изминатите години бевме соочени со проблем околку дијагностиката и третманот на деца. Принудени бевме да ги испраќаме во приватни и државни клиники во Скопје кои исто така беа преоптеретени. Поради тоа, пациентите долго чекаа за преглед и дијагностика со што се одолговлекување и периодот за лекување. Тоа предизвикуваше компликации и трошоци за семејствата на децата. Со оглед дека нашата Болница е регионален педијатриски центар каде се лекуваат деца од регионот, со набавката на овој современ утразвучен апарат се решава овој пропблем“ рече директорот на Клиничката Болница др.Александар Обедниковски и изрази благодараност до јапонскиот народ за оваа донација.

Ова не е прва донација за Клиничката болница од Јапонската Амбасада. Во 1998 години Клиниката доби медицинска апаратура во повеќе одделенија во болницата во вредност од 49 илјади евра, а во 2013 година со средства од 58 илјади евра се изврши комплетна надградба на опремата за Биохемиска Лабораторија.
„Децата повеќе нема да чекаат долго за преглед и дијагноза и ќе се намали потребата да бараат помош во далечните клиники што создаваше дополнителен трошок за нивните семејства,” рече Амбасадорот Савада.

Градоначалникот Коњановски рече дека по осум месеци од потпишувањето на грантот меѓу Владата на Јапонија и Клиничката болница во Битола, официјално се става во функција ехо апаратот.
„Со овој апарат значително се подобруваат условите за ехо дијагностика, а со тоа и грижата на младите. Посебна благодарност до Јапонската амбасада и народ кои со овој 10 гранд на GGP програмата во нашата општина дополнително го потврдуваат континуитетот на нашата соработка како и можноста за нејзино зајакнување“, рече Коњановски.

Амбасадорот информираше дека досега Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за COVID-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19. Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.












