Од денеска земјава влегува во портокалова (алертна) фаза. Дневните температури, како што најавија метеоролозите во некои делови ќе бидат над 40 степени. Во Битола денеска со дневна температура од 38 степени. Ваквите температури умерено го сголемија бројот на повици во Итната медицинска служба во Битола. Во просек за 24 часа имале 25 интервенции на терен и од 40 до 45 прегледи во ургентната амбуланта. Др. Николовска вели дека се јавуваат и граѓани кои бараат совет за тоа како да се справат со топлото време.

„Со летните горештини и високите температури во нашата служба е умерено зголемен бројот на интервенциите на терен и на пациентите кои што се жалат во нашата ургентна амбуланта. Најголем број на повици и пациенти кои што доаѓаат кај нас се пациенти со висок крвен притисок, градни болки, тешко дишење, срцева слабост. Потоа доаѓаат пациентите кои што имаат главоболки, вртоглавици и психички растројства, од поблага форма па се до оние пациенти кои што си земаат редовна хронична терапија. Има благо зголемување на пациентите кои што се повредуваат било во градежништвото или пак на улица или домашни услови, и умерено зголемен број на сообраќајни незгоди“, рече др.Васе Николовска, од Итната медицинска помош во Битола.
Надлежните вчера излегоа со препораки за намалување на ризиците од високите температури.Препорачаа најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, да бидат ослободени од работни обврски и во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Владата му препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот .Владата одлучи и сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.

Со препораки и лекарите:
„Бидејќи се работи за високи температури сакам да напоменам до граѓаните ако се во можност да не излегуваат во периодот од 11 до 17 часот, ако имаат некоја посебна потреба да си внимаваат односно да носат посветла облека, главата да биде заштитена со марама, капа, шишенце со вода обавезно да си носат, и ако е можно да се движат под сенка. Што се однесува до храната строго да се избегнува тешка и мрсна храна, повеќе да се користи овошје и зеленчук коe ќе биде добро измиенo, и задолжително хигиената на рацете да биде запазена. Што се однесува до течностите повеќе да се користи вода, помалку сокови, а строго да се избегнуваат алкохолни пијалоци. Бидејќи сега е летен период и има поголема фрекфренција на луѓе и моторни возила, посебно сакам да напоменам за луѓето кои што работат во градежништвото и активните учесници во сообраќајот посебно возачите да не конзумираат алкохолни пијалоци и наркотични средства. Хроничните болни редовно да си ја земаат препишаната терапија“, рече др.Николовска.
Портокаловата фаза, според прогнозата, ќе трае до 16 јули.












