Малата Нина Нинковиќ од Нови Сад, го трогна регионот откако на социјалните медиуми се прошири веста дека ова вредно девојче продава крофни за да собере пари за лекување на нејзиниот болен татко.
Нејзините сограѓани веднаш покажаа голем интерес, со желба да придонесат со своите донации.
Пожртвуваноста на малата Нина го трогна и македонскиот уметник, графички дизајнер и хуманист Зоран Кардула, кој изработи постер со кој му оддава признание на „девојчето со крофните“ од Нови Сад.

А, сега Нина си го доби постерот од Кардула.
„ Нина си ја доби сликата, благодарност до Александар Јовановиќ, фотографот чија фотографија беше основа за овај постер, благодарност до Зоран Доневски и Фондацијата Тате Новосаџани, за целиот ангажман околу печатењето и организацијата и благодарност до сите кои помогнавте во напорот и желбата на малата Нина да собере пари за лекување на нејзиниот татко“, истакна Кардула.












