Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ се претстави на 12-тиот фестивал „Мирослав Крлежа“ во Загреб со претставата „Глембаеви“. Фестивалот се одржува по повод 130 години од раѓањето на големиот драмски автор и писател.Режисер на претставата, која е копродукција со „Еуроказ“, е Бранко Брезовец.

„Глембаеви“ ја поместува драмата на Крлежа од хоризонтот на мотивациска ибзеновштина и ја приближува кон стринберговската приватна симболика на патот за Дамаск.Проектот е создаден како финален резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Бранко Брезовец за драмата „Господа Глембаеви“ на Мирослав Крлежа, која тој досега трипати ја има поставено на сцена, и тоа во Риека, Загреб и во Прилеп.
Според актерката Даниела Иваноска, да се гостува со Глембаеви на Крлежа во Загреб, на фестивалот посветен на Мирослав Крлежа на македонски јазик, е навистина предизвик.

„Крлежа за нив е библија, дел од нивниот генетски код, автор кому се посветени безброј истражувања, критики, институции, улици, настани и се прашувам, како сега ние, на нивни терен, со нивен автор-институција, ќе успееме да кажеме нешто повеќе од тоа што го имааат за Крлежа?! Игравме во театарот Керемпух, во сала полна со луѓе од нашата професија -режисери, професори на академија, некогашни првенци, а сега во пензија, од ХНК и Керемпух, актери, композитори, сценографи, вистински љубители и почитувачи на театарската уметност. Се враќаме на бис 4-5 пати“, додаде Иваноска.

Во претставата играат Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески и Ана Митоска. Композитор е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез и костимографијата на Сузана Брезовец.
Фестивалот „Мирослав Крлежа“ кој се одржуваше до 7-ми јули, понуди богата и разновидна програма и е културен настан на загребачкото културно лето и место за средба на Крлежа со уметниците и публиката.Токму затоа и учеството на нашиот театар на овој фестивал е од големо значење.












