Под слоганот „Време е за светскиот звук, дома!“ викендов во Битола беше празник на музиката, односно се одржа 14. издание на Фестивалот на музика од светот во Центарот за култура.
Во официјалната програма беа три концерти. Фестивалот се отвори со настапот на познатата светска фадо пејачка Јоана Амендоеира со нејзиниот бенд од Португалија. Преку нејзиниот глас, фадото достигнува уникатни, возвишени моменти, поттикнати од нејзините сензуални и трогателни хармонии, а публиката во Битола со големо внимание го впиваше секој тон од песните.

„Беше апсолутно фантастично, целото тоа чувство на поврзаност со публиката, луѓето слушаа со толку многу внимание и емоции, ние бевме комплетно среќни на сцената и заради цела таа енергија само ги отворивме нашите срца за публиката. Благодарност до целата публика, до фестивалот , многу сме среќни што сме дел од истиот и му посакуваме долг живот“, истакна Јоана. Во 1994 година, таа учествуваше на Гранд Фадо Гала во Лисабон, каде што доби пофалби од жирито и публиката. Следната година, таа ја освои наградата за женски изведувач на гала Опорто. Од тој датум, таа постојано настапува низ Португалија и низ светот.
Фестивалот беше поддржан од Министерство за култура и Општина Битола.












