Двајца од четворицата кандидати за претседател на СДСМ синоќа беа дел од најавениот настан во Битола за заедничко претставување пред членовите на битолската СДСМ. Не дојдоа Славјанка Петровска и Јован Деспотовски, а пред битолските социјалдемократи програмите ги претставија Венко Филипче и Александар Бајдевски.

Кандидатот Филипче вели дека во секој пораз гледа шанса за некаква промена.
„За некаква реформа, секако ако се научат лекциите од поразот. Мојата програма е направена така што се поставени приоритетите така како што јас би работел доколку бидам избран за претседеател. Првата работа, првиот приоритет е обединувањето на сите членови, видовме дека има разединување, видовме дека наши членови гласаа за други политички субјекти и сметам дека со подобрување на комуникацијата со сите членови на секое ниво ќе започне процесот на обединување и враќање на в заемната доверба“ рече кандидатот Венко Филипче.

Во неговата програма предлага и измена на некои тела во партијата, како и воведување на нови органи и тела во партијата, нешто за што ќе биде потребна и статутарна измена.
„Понатаму подобрување на работата и односите со медиумите и повторно отворање на платформата за соработка со различни организации во делот на граѓанското општество, тоа беа едни наши партнери со кои што делиме заеднички прогресивни политики кои што за жал во изминатиот период ја напуштија нашата широка коалиција, секако градење на платформа за коалциија пред се на идеолошка база со други помали политички партии“ вели тој.

Го прашавме и за тоа дека некои имаа впечаток дека се простувало на одредени грешки кои биле напраевни, а притоа не била барана одговорност.
„И јас лично сметам дека тоа е една од причините и затоа во формалниот дел на програмата предлагам тело кое што е наречено Совет за етика кое што ќе го спроведува и контролира спроведувањето на веќе донесениот етички кодекс во партијата, тоа е документ кој што е работен со Републиканскиот институт ИРИ и ќе биде задолжен рано да детектира девијантни однесувања и појави кај функционери на различно ниво, дали тоа ќе бидат на партиско, државно или на локално ниво“ рече Филипче.

Како тој ја коментира предизборната кампања пред гласањето и кавгите или спротивставувањата меѓу кандидатите.
„Сметам дека главната порака која треба да ја испраиме е порака која што треба да се испрати и со самата кампања. Сите зборуваме за обединување и тоа треба да го испрати оваа кампања. Тоа што не треба да се дозволи е да после самата кампања да излеземе уште повеќе разединети. Во таа смисла другарството го ставам на прво место, секаква порака на разединување или сомнеж во нешто во што навистина нема основа, во овој момент дополнително ја слабее партија и го иритира членството, нешто што сметам дека е најмалку е потребно“ вели кандидатот за претседател Филипче.
На ова претставување присутно беше и раководството на битолската СДСМ, советници од советот, функционери. Изборите се в недела на 30 јуни.












