„Моќно чувството да стоите на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето,. Вршени се истражувања, собран е и евидентиран богат движен материјал. Кокино е впишано на Тентативната листа на УНЕСКО, но треба да се направи уште многу за да се впише и на престижната листа“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при посетата на древниот локалитет Кокино.

На пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ ѝ претходеше и посета на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане каде што присутните се запознаа со богатата историја и културното наследство на овој крај.

Жените носителки на јавни функции и дипломатки во земјава кои беа дел од пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ изразија воодушевување и задоволство од можноста да го посетат Кокино и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.

На вчерашната пешачка тура им се придружи и американската амбасадорка Ангела Агелер, со која, како што вели министерката за култура ги размениле искуствата од соработката во културата, како и предизвиците кои ги имаме во заштитата на македонското културно наследство.

„Изразив огромна благодарност за покажаната грижа која САД ја вложува преку грантовите на Амбасадорскиот фонд за презервација во заштитата на нашите вредни локалитети и споменици на културата.
Амбасадорскиот фонд на САД интервенирал и на Кокино, а со неговата активна улога кај нас, од 2001 година е извршена трајна заштита на уникатни културни добра од нашата богата историја и култура.
Потсетувам дека повикот за аплицирање за грантовите на Американскиот фонд, кои во голема мерка помагаат во грижата на нашето културно наследство е отворен, а крајниот рок е 31 јануари 2024 година“ вели Костадиновска-Стојчевска.












