Шаховските легенди браќата Борче и Димитар Илиевски по кој знае кој пат седнаа еден спроти друг за повторно да ги одмерат силите во шах. Седнаа на првата од вкупно шест табли и партијата заврши со „реми“. Спортски си поддадоа рака. Двајцата битолчани, едниот жиивее тука, другиот во Скопје. Борче кој има 88 години играше шах за тимот на „Ветераните од Битола“, а неговиот шест години помал брат Димитар за тимот на „Ветераните од Скопје“. Двајцата долго време беа во врвот на македонскиот шах. Македонската јавност до ден денес се сеќава дека на првата „Средба на солидарноста“, која се одржа во 1967 година во Скопје, Борче приреди сензација со ремито против можеби најголемиот шаховски талент, потоа и светски првак, Американецот Боби Фишер.

„Јас станав познат со ремито што го направив со Боби Фишер 1967 година на турнир на Солидарноста во Скопје. Реми заврши партијата регуларно, со повторување на потези, и јас и тој ги повторувавме потезите, во спротивно тој што форсира губи. Ова е ревијален натпревар ако играме меѓу себе ќе ремизираме“, рече Борче Илиевски, шаховски мајстор на ФИДЕ.

За Димитар, Борче бил негов идол. Првите потези во шахот ги научил од својот брат .Тој ја има титулата меѓународен шаховски мајстор.
„Сум учел од него. Борче многу пати бил првак, шампион на Битола. Јас сум бил три пати шампион, заедно со него делевме прво и второ место. Бевме најсилна братска шаховска двојка и благодарејќи на нас битолскиот шах постигна многу големи рзултати . Бевме многу пати шампиони на Македонија на четири и осум табли, додека јас не се преселив во Скопје. Заради шахот во 1968 година се преселив во Скопје со предизвик да бидам најдобар и за три години во 1971 година станав убедливо најдобар. На петтиот турнир „Средба на солидарноста 1971“ година го постигнав најголемиот шаховски успех“, рече Димитар Илиевски, меѓународен шаховски мајстор.

Кој е патот до успехот?
„Сепак човек треба да има талент но и многу, многу работа. Јас секој ден интензивно две години сум работел шах, сум анализирал партии, и откако ги изанализирав знаев дека сум мајстор“, додаде Димитар Илиевски.

Викендов во Битола за прв пат се одржа шаховски натпревар помеѓу ветераните од Битола и Скопје.

Целта на настанот беше популаризација на шахот.

„Идејата дојде и од нас и од Скопје, потоа ќе имаме возвратен меч во Скопје, така што ќе можат и младите деца кои доаѓаат во школите да видат, да се заинтересираат за шахот, таа е идејата, популаризација на шахот. Овај натпревар нема натпреварувачи карактер е со ревијален карактер. Нема да има наградени, за да има развој на шахот во Битола за децата“, изјави Томица Брзовски, капитен на екипата „Ветерани од Битола“.

„Битола бил шаховски центар, е и ќе биде, има шаховски ветерани. Како што во цела Европа се обединуваат ветераните, не само да се дружат, една од желбите и обврска е знаењето континуирано да го пренесат на младите шахисти на младите деца. Да го развијат шахот и меѓу инвалидите, тоа се нашите постулати на шаховски клуб Скопје 72, именуван по големата Шаховска Олимпијада во Скопје во 1972“, рече Илија Стошевски, претседател на ШК на Ветерани Скопје 72.

Настанот го отвори градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
„Се работи за ревијален натпревар на доајените на шаховскиот спорт, луѓе кои оставиле длабока трага и во Битола и во Скопје. Шахот, а и другите спортови заслужуваат внимание. Драго ми е што последнава година/две заживува кај младите и тука сме како локална самоуправа да дадеме поддршка“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Прашавме дали денес има интерес кај младите за шах и зошто го препорачуваат овај спорт?

„Има интерес кај младите за шах. Шахот претставува еден вид на спорт што не е баш како другите спортови, е интелегентна игра, младите е добро да се занимаваат заради развој на интелегенцијата која ќе му помогне во образованието, има математички елементи во шахот и заради тоа е многу добар спорт. Првите потези можат младите да ги направат уште во предшколска возраст од 5 до 6 години“, рече Томица Брзовски.

„Шахот е еден медиум допир со космосот што треба секое дете да го допре. Тука е борбата, тука е стресот, тука е победата, тука се сите компоненти што во животот ќе ги следи. Секој млад брзо да донесе одлука да пресече, тоа е шахот, стрес, креативност, поезија, тоа се се компоненти што се живот“, рече Илија Стошевски.

„Шахот е прекрасна игра. Шахот како и во животот, корисен е затоа што и во шахот треба тактика, стратегија, планови, да се анализира. Шахот е интелектуална игра“,рече Димитар Илиевски.

Организаторите се надеваат дека овај шаховски натпревар помеѓу Ветераните од Битола и Скопје ќе прерасне во традиција.












