По оставката на британската премиерка Лиз Трас започна уште една трка, втора во само четири месеци, за нов лидер на Конзервативната партија и за нов шеф на владата.
Трас, која поднесе оставка по само 45 дена на функцијата, рече дека нејзиниот наследник ќе биде избран до крајот на следната недела.
Најмногу тројца пратеници можат да се кандидираат за наследник на Трас, соопшти денеска владејачката Конзервативна партија.
Може да се врати и поранешниот премиер Борис Џонсон, кој беше сменет во јули кога неговите министри масовно поднесоа оставки за да го принудат да се повлече. Според „Тајмс“, тој планира да се врати во име на „националниот интерес“.
Анкетата претходно оваа недела покажа дека повеќето членови на Конзервативната партија сакаат Џонсон да се врати.
Оставката уследи по речиси тоталниот колапс на нејзиниот политички авторитет. Таа, според весникот Гардијан, придонесе за крах на економските пазари, изгуби двајца клучни министри и ја изгуби довербата на речиси сите нејзини пратеници.
Незадоволството беше предизвикано од нејзиниот економски план, кој предвидуваше намалување на даноците за оние кои заработуваат најмногу.












