ТЕРА

REKLAMA???

АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ СО МАРИБОРСКИОТ „АМАДЕУС” НА СНГ ГОСТУВА ВО МНТ

На сцената на Македонскиот народен театар на 1 април, во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ, ќе гостува Словенечко народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус” од наградуваниот Питер Шафер и во режија на меѓународно признаениот македонски режисер Александар Поповски.

Претставата е псевдобиографска комична драма за еден од најславните композитори на сите времиња, напишана од англискиот драматург, сценарист и романописец, добитник на многубројни престижни награди. Најпознатата драма на Шафер, „Амадеус”, првпат била изведена во 1979 година, а светска слава стекнала благодарение на истоимениот филм на Милош Форман (1984). Во своето најпознато дело, Шафер ги сумира историските околности и создава прецизни психолошки профили на протагонистите. Драмата е напишана во стилот на ретроспективна драматургија, што овозможува широки епски режисерски решенија и бројни можности за врвни актерски остварувања.

„Амадеус” се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери” од 1830 година.

Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас.