ТЕРА

REKLAMA???

Алексеј Белевски и Љубица Здравковска наградени на фестивал во Белград

Од 18 – 22 март во Белград, Р.Србија се одржа 19-тиот меѓународен натпревар “Даворин Јенко”. Натпреварувачите на овој натпревар се натпреваруваа во дисциплините Клавир Соло и Клавирско дуо. Тие беа поделени во различни категории во зависност од нивната возраст. На овој натпревар во дисциплината Клавир Соло учество зедоа и ученици од Државното музичко училиште кои на овој натпревар одлично ги покажаа своите пијанистички вештини и со тоа уште еднаш докажаа дека музичкото училиште од Битола на сите натпревари во државава и странство секогаш се пласира на највисоките места и освојува одлични резултати.

Осум годишниот Алексеј Белевски од класата на проф. М-р Марија Шамоска Буџаковски пијано започнал да свири од пред само една година и за ова кратко време тој успеа на овој натпреавар да освои специјална награда од 100 поени во неговата категорија. Овој натпревар беше од огромно значење за овој млад пијанист за кој што воедно беше и првнатпревар. Програмата која што ја исполни Алексеј се состоеше од три стилски различни композиции од авторите Ј.С.Бах, М.Клементи и К.Милетков. Со нивната изведба тој остави огромен впечаток врз жири комисијата која што ова надежно момче го класифицира во категорија на млади музички надежи и го награди со највисоки оценки.

Љубица Здравковска, ученичка во четврти клас во Државното музичко училиште од Битола од класата на проф.М-р Јана Четелева Белевска, беше вториот натпреварувач кој што успешно се претстави на овој натпревар и ја освои втората награда. Во тешка конкуренција, со натпреварувачи од различни земји од Балканот, таа одлично ја изведе својата програма составена од дела на Ф.Шопен, Л.В.Бетовен и П.И.Чајковски.

За успешноста на овој натпревар говори 19-тото издание на истиот, што покажува дека се работи за натпревар со длабока музичка традиција, одлична организација, компетентна жири комисија и одлични организатори. 

Жири комисијата беше во состав: Грета Шечеркадиќ Гановиќ, Катарина Крпан, Константин Краснитски, Маја Рајковиќ, Марко Џорџевиќ, Петар Младеновиќ.

Во изминатите години меѓународниот натпревар Даворин Јенко го привлече вниманието на домашната и странската музичка јавност со својот професионален, но отворен и флексибилен однос кон музиката, обидувајќи се да ги усогласи конфликтите во традиционалниот и модерниот пристап на конкуренцијата меѓу уметниците од сите возрасти, училишта и интереси.

Двајцата претставници од битолското музичко училипте се пресреќни што имаа можност повторно да музицираат на сцена и да ја почувствуваат еуфоријата на “живиот ” настап за кој што велат дека е од непроценливо значење. Се надеваме дека ваквите тенденции на одржување на натпреварите ќе продолжат и во иднина и ќе бидат мотив и поттик за развој на секој млад музичар., велат од музичкото училиште.

Неда Маретиќ