ТЕРА

REKLAMA???

Битола живее во комунална мизерија и во спортски луксуз!?

Додека битолчани секое утро се соочуваат со нефункционален јавен превоз, стравуваат од ордите кучиња скитници по улиците и гледаат како дотраените комунални камиони течат и шират неподнослива смрдеа низ градските сокаци, локалната власт има поинакви, „повозвишени“ приоритети. Најновата иницијатива за поддршка на ЖРК Пелистер 2012 пак ја отвора Пандорината кутија за тоа како и за чии интереси се трошат народните пари.
Најавата за наменско одлевање на 2 милиони денари од општинската каса во клуб кој, според официјалните финансиски извештаи бележи континуиран раст на приходите и милионска добивка, отвора сериозни системски и политички прашања.
Дека Битола нема апсолутно никаква стратегија во спортот, туку само неконтролирано трошење, најдобро покажува скандалозниот пример со ФК Пелистер. Минатата година, Општината како мнозински акционер инјектираше фантастични суми јавни пари во фудбалскиот клуб, а резултатот беше тотален дебакл. Наместо опстанок во елитата и долгорочна стабилност, клубот доживеа резултатски крах и испадна од Првата лига.
По ваков милионски дебакл каде што парите на битолчани буквално беа „фрлени во бунар“ без никаква одговорност, Општината повторно ја нагазува истата нагазна мина, овојпат со ЖРК Пелистер.
За да биде парадоксот поголем, додека локалните моќници во јавноста помпезно го најавуваат овој нов чекор како историска и долгорочна „ракометна платформа“, документите откриваат дека се работи за најобичен договор со времетраење од само една година.
Овој кус рок лесно може да се протолкува дека зад акцијата не стои системска визија, туку инстант-решение за инстант-политички потреби. Со едногодишниот договор, Општината всушност само привремено купува мир, оставајќи го финансирањето во милост и немилост на следни партиски пазарења.
Финансиските показатели за ЖРК Пелистер 2012 во изминатите три години јасно покажуваат дека на овој спортски субјект воопшто не му е потребен појас за спасување од градот. Приходите на клубот незапирливо растат: од 4.397.427,00 денари во 2023 година, тие скокнаа на 5.747.462,00 денари во 2024, за во 2025 година да достигнат рекордни 6.252.070,00 денари. Ова претставува вкупен раст на приходите од над 42% за само две години.
Уште поскандалозна е состојбата со добивката на клубот. Додека општинските јавни претпријатија редовно прикажуваат загуби, ЖРК Пелистер 2012 акумулира милионски вишоци. Во 2023 година добивката изнесувала 2.915.699,00 денари, во 2024 година се искачила на 3.995.136,00 денари, а во 2025 година таа изнесува фантастични 4.085.696,00 денари. Во исто време, клубот успеал речиси целосно да ги збрише своите обврски, сведувајќи ги на симболични 20.062,00 денари во 2025 година.
Поставено во реален контекст, општината одлучува да инвестира 2 милиони денари од парите на битолчани во субјект кој веќе генерира над 4 милиони денари профит годишно!
Заради сето ова, оправдани се сомнежите дека зад целата операција можеби се кријат други мотиви. Во спортските кулоари е познато дека зад ЖРК Пелистер 2012 се кријат матни партиски интереси. Јавна тајна се шпекулациите дека висок функционер на опозицискиот СДСМ има директно влијание во сопственичката и управната структура. Во ваков амбиент, одлуката на општината предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да инјектира дополнителни милионски суми во овој субјект, може да делува како политичко пазарење или исплата на евентуални меѓупартиски долгови под маса.
Логиката на просечниот битолчанец е едноставна. Со тие 2 милиони денари јавни пари не се решаваат сите проблеми во градот, но тие се повеќе од добредојдени за итни инвестиции, на пример, во ЈКП „Комуналец“, за стационари за кучињата кои ги загрозуваат децата, или за субвенционирање на подобар линиски превоз.
Светската пракса насекаде налага приватното да го финансираат приватници, а не јавниот буџет. Спортскиот престиж е важен, но тој е луксуз кој доаѓа дури откако ќе се исполнат основните цивилизациски услови за чист, безбеден и функционален град.
Дотогаш, секое префрлање на милиони во приватни спортски здруженија со сомнителна политичка заднина и дебели банкарски сметки преку инстант едногодишни договори, за граѓаните на Битола ќе остане чист популизам и бесрамно трошење на нивните пари.