Доаѓаат филмаџии во градот и многубројни туристи. Иако работите се во завршница, булеварскиот влез од северната страна на градот сепак не ги дочека готов гостите.
Мобилен кружен тек ги збунува деновиве возачите кои се движат кон Горно и Долно Оризари односно излегуваат од градот или пак ги користат услугите на блиската бензиска пумпа. Некои и реагираа дека во време на наутички мрак тешко се снаоѓаат за да знаат кој пат да го фатат за надвор од Битола. Други пак влегувајќи во Битола имаат реакција дека минувањето и разминувањето им е отежнато заради недоволната светлосна сигнализација која укажува дека има промени на патот односно дека по должината има метална ограда и тешка механизација.

Причина за сите промени во одвивањето на сообраќајот е изградбата на булеварскиот влез во градот. Се работи во последната година дена и, иако еднаш не искараа од владата што ја обезбедува финансиската конструкција, булеврскиот влез е во завршна фаза.
Интензивни се работите на булеварскиот влез во Битола од северната страна на градот, популарно од страната на Прилеп. 800 метарскиот пат беше поделен на неколку делници за комплетно реконструирање – не само коловозот туку реконструирана е и подземната инфрастурктура. Има нова водоводна линија ф450 којашто се поврза со постоечката, направена е нова канализација, осветлување и сообраќаен проект за траен режим и целосно е реализиран процесот на експропријација.

Проектот што се изработи од страна на Општината предвидува овој булеварски влез да има и пешачки патеки, велосипедски патеки од двете страни, дрвореди и сообраќаен режим на ленти одвоени со разделник – сообраќајни ленти кои водат до градот и надвор од него.
Битола како град кој од денеска ќе биде домаќин на високи политички гости, врвни филмаџии, бројни туристи не ги пречекува со светски булеварски влез но, според сите слики и промени на теренот, и предвидувањата на работниците кои денеска неформално не информираа, ќе ги испрати гостите во висок сообраќаен стил.
Тие кои ќе заминуваат и влегуваат во градот од јужниот и западниот влез, ќе имаат претстава дека Битола расте, полека, ама стабилно.












