Да се избегнува непотребно трошење на вода за наводнување на зеленило, бавчи и ниви, за миење автомобили, за полнење базени, но и да се спречи злоупотребата на водата преку дивите приклучоци, апелираат од ЈП Водовод откако деновиве поради високите температури во Битола е зголемена потрошувачката на вода.

„Апелираме до граѓаните на општина Битола за рационално користење и употреба на водата.Особено апелираме да се избегнува непотребно трошење на водата за наводнување на ниви, бавчи и пластеници, односно земјоделски површини, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци. Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување до сите корисници во општина Битола. Апелираме до граѓаните , доколку забележат див приклучок, или злоупотреба веднаш да пријават на 047 238 200, и потсетуваме дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општина Битола (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде покрената постапка за сторено кривично дело“, изјави Пеце Милевски, директор на ЈП Водовод.
Со цел да се спречат ваквите појави од ЈП Водовод најавуваат засилени контроли.
„Тие кои злоупотребуваат вода или вршат кражба на вода не го крададат Водовод туку вас граѓаните кои сте лојални и редовно ги плаќате вашите сметки.Најавуваме зголемени контроли и присуство на тимови на ЈП Водовод во попладневните часови, но исто така и во текот на ноќта, во градот, а посебно во селата. Односно ќе бидиме присутни секаде каде што има можност за злоупотреба !Питката вода е богатство кое треба да се научиме да го цениме вредноста на водата е многу поголема од онаа што ја плаќаме.ЈКП Водовод и во 2023 останува докрај посветено на корисниците и најквалитетно обезбедување на услугите кои им ги испорачуваме!“, рече Милевски.
Овај апел за рационално користење на водата ЈП Водовод го упатува до сите граѓани до кои тие испорачуваат вода за пиење, односно до граѓаните на Битола и битолско како и граѓаните од Општините Новаци и Могила.












