„Д ФЕСТИВАЛ“, најголемиот летен „open-air“ музички фестивал во Македонија оваа
година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.
Повеќе од 30 музички изведувачи ќе настапат на „Д ФЕСТИВАЛ 2025“. АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој ќе настапи заедно со TK WONDER и ROOTSMAN I, МИЗАР, ФОЛТИН, ЉУБОЈНА, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ПАРКЕТИ, THE SISTERS OF MERCY, SOULFLY, INNER CIRCLE и многу други.
Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Support Kocani”.
Имено, „Д Фестивал“ ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Support Kocani”. Овие билети се достапни во продажба онлајн на веб-страницата МкТикетс.
Хуманитарната мисија на „Д Фестивал“ е акт на солидарност, сочувство и обединување, по трагедијата што ни се случи во Кочани – трагедија што нè потресе сите, без разлика дали сме дел од музичката сцена или од пошироката заедница.
Подготви: Агим Џело













