Дали Општина Битола навистина им нуди шанса на граѓаните да купат евтин плац за куќа, или преку формален оглас само го „пегла“ теренот за веќе познат играч близок до општинските кругови?
Оваа дилема се наметнува по објавата за електронско јавно наддавање на државно градежно земјиште во атрактивната зона АРМ четврт 1, 2 и 3. На хартија, понудата изгледа како сон за секое битолско семејство, со почетна цена од 61 денар за метар квадратен. Но, кога ќе се навлезе во деталите на огласот, се буди сомнеж дека вратата е ширум отворена само за оние кои однапред биле подготвени за купување на парцелата, додека за просечниот граѓанин се поставени низа финансиски и бирократски сопки.
Првиот аларм е самиот обем на огласот. На вака голема и атрактивна локација, општината на продажба става само една единствена градежна парцела (ГП бр. 12.15) со површина од 390 квадратни метри. Станува збор за плац на кој е дозволена изградба на сериозен објект, куќа со приземје, два ката и поткровје со вкупна површина од 536 м², за почетна цена од 23.790 денари (околу 385 евра).
Уште поиндикативно е што објавата се повикува на ДУП од 2010 година, но и на „Предлог за техничка исправка“ донесен во февруари 2025 година. Во урбанистичката пракса, ваквите „технички исправки“ на поединечни парцели ретко се прават без конкретен интерес и иницијатива. Оттука, сосема легитимно е прашањето дали теренот прво бил урбанистички „наштиман“ по мерка на заинтересиран купувач, за сега само формално да се помине низ електронска лицитација?

Иако почетната цена од 1 евро по квадрат е законски минимум што го применуваат и други општини (како Прилеп или Македонска Каменица), Битола се решила за радикален потег кај условите за учество. Додека во општини како Кавадарци, банкарската гаранција за сериозност на понудата изнесува 100% од почетната цена, Општина Битола бара дури 500%. За да седне на масата за наддавање, граѓанинот мора да извади банкарска гаранција од 118.950 денари (пет пати повеќе од вредноста на плацот), да ја достави физички во затворен коверт во општинската архива и да поседува платен дигитален сертификат (електронски потпис). Иако властите ваквите високи прагови ги правдаат со борба против „лажни наддавачи“, во пракса ова функционира како одличен филтер што ги одвраќа обичните граѓани уште пред да почне играта. Дополнително, високата гаранција автоматски ги пумпа и „посебните трошоци на постапката“ (10% од гаранцијата), кои купувачот мора да ги плати.
За оние кои сепак ќе се осмелат да влезат во трката без да ги знаат сите правила, огласот крие сериозни финансиски замки. Постигнатата цена на лицитацијата е само почеток. Во неа не се вклучени комуналиите, ниту подготовката на теренот, данокот на промет, нотарската солемнизација и геодетските елаборати. Сето тоа паѓа на грбот на купувачот.
Плацот не смее да се препродава сè додека не се исполнат обврските од договорот. По потпишувањето на договорот, тече рок од само 9 месеци за вадење одобрение за градење, а објектот мора да се изгради минимум 30%. Секое доцнење носи месечни пенали (од 1,5% до 4,5%), а ако заглавите три месеци по ред, општината го раскинува договорот и ви задржува дури 80% од уплатената сума.
Кој ќе се појави на лицитацијата на 16 декември 2026 година во 09:00 часот на платформата www.gradezno-zemjiste.mk и дали за оваа атрактивна парцела воопшто ќе има вистинска трка или само формално „кликнување“ на еден учесник, ќе стане јасно веднаш по истекот на рокот за пријавување на 14 декември.











