Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59-от МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На годинешниот фестивал, НУ Народен театар Битола со претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски е добитник на две награди.
Награда за современа сценска драматизација и адаптација која беше доделена на Јелена Цветановска и награда за главна машка улога која беше доделена на Мартин Мирчевски за улогата на „Доне Совичанов“.
„Се гордеам што претставата посветена на македонската кауза “Црно семе” освои две значајни награди на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Честитам на сите колеги кои добија награда на фестивалот и посакувам уште многу успеси. Време е македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” повторно да биде македонски со големо “М”. Продолжуваме посветено да работиме на промоција на македонската драматургија, со македонски уметници овие награди се само поттик да продолжиме по зацртаниот пат. Благодарност до целата екипа на претставата “Црно семе” и целиот колектив на Битолскиот народен театар кои со својата посветеност кон претставата придонесоа да создадеме спектакал кој не се заборава“, изјави директорот на Битолски театар, Васко Мавровски.
Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“ во режија на Владимир Јурц.













