ТЕРА

REKLAMA???

ДО КАДЕ СЕ РАБОТИТЕ СО ПРИФАТИЛИШТЕТО ЗА УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА ВО БИТОЛА

Проблемот со уличните кучиња е сериозен, не само во Битола туку и во останатите градови од државата. Граѓаните бараат што е можно побрзо да се реши. Локалните власти велат дека во тек е тендерска документација за адаптација на прифатилиштето, ќе биде распишана јавна набавка па ќе се почне со изградба на објектот.

„За прифатилиштето, лоцирано во близина на Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, во тек е подготовка на тендерска документација за адаптација на објектот. На почетокот на оваа година ќе биде распишана јавна набавка за адаптација, по што ќе започне изведбата на терен“, велат од општина Битола.

Во меѓувреме како што додаваат до објектот е донесена санитарна и техничка вода, како и одводна мрежа, минатата година е направен проект и обезбедена е дозвола за градба. Приватна ветеринарна установа веќе врши заловување, стерилизирање и кастрирање на кучињата, велат од Општина Битола.

Премиерот Димитар Ковачевски при посета на РЕК Битола, одговарајќи на новинарско прашање во врска со проблемот со кучињата-скитници, рече дека и покрај тоа што станува збор за ингеренција на локалните власти, Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар кој ќе биде дом за тие кучиња.

„Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел, со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД-програмите, доколку може да се направи некој модел на одреден стационар, кој ќе може да биде некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да им помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем. Бидејќи се работи за навистина голем проблем, а гледам дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со него“, рече Ковачевски.  

Во новогодишното обраќање на градоначалникот Коњановски во Советот на Општина Битола рече дека проектот за прифатилиште за бездомни животни е изготвен и одобрен и во 2023 година, започнува адаптацијата на постоечкиот објект и изградбата на дополнителните содржини во функција на објектот, согласно проектната документација, за што како што рече обезбедени се средства во износ од 46.586.092 денари.