Годинава Д Фестивал собра рекордна бројка гости, а Борис Брејча со епско финале го круниса тридневното светско музичко доживување во Штип.
Бројката што останува зад нас е она што го прави овој фестивал приказна и за сите оние кои не биле на терен. Над 40.000 посетители за три дена поминаа низ петте бини и три фестивалски зони — потврда дека Д Фестивал, не само што се врати во својот полн сјај, туку го подигна и сопствениот плафон. Потврдата за тоа дојде уште десет дена пред почетокот на фестивалот, кога најголемата платформа за резервации на сместување го покажа целосно распродаден периодот што се совпаѓа со термините на Д Фестивал — пред самиот настан, без ниту еден слободен кревет во Штип и околината.
Со повеќе од 80 концерти и над 100 учесници во програмата на Плоштарт, ова издание го означи големото враќање на Д Фестивал во неговиот препознатлив полн сјај.
Фестивалската приказна започна уште во петокот со легендарниот DJ Premier, еден од најголемите продуценти и диџеи во историјата на рап музиката. Во ексклузивниот хип-хоп програмски спој, заедно со Страјк, Диџеј Гоце, Ронин и Смоке Мардељано ја отворија фестивалската авантура на најдобар можен начин. Најголемите актуелни македонски хитови ги донесе групата Дупер, додека публиката заедно со нив ги пееше најпопуларните рефрени, а незадржлива енергија пристигна со мексиканските Son Rompe Pera, со својот уникатен спој на кумбија, панк и традиционални ритми.
Саботата ја донесе кулминацијата на посетеноста, кога фестивалскиот простор на градскиот стадион во Штип беше и премал за да ги собере десетиците илјади посетители. Легендарните Бајага и Инструктори одржаа концерт што долго ќе се памети, исполнет со безвременските хитови кои повеќе од четири децении ги поврзуваат генерациите. Покрај нив, саботната програма ја одбележаа и Миле Кекин, Јура Стублиќ и Филм, Lelee, КЕМ, Conspiracy, Gwass, Destruction и бројни други изведувачи.
Со своето препознатливо аудиовизуелно шоу, беспрекорната продукција и неколкучасовниот сет, глобалната ѕвезда на електронската сцена Брејча приреди величествено финале достојно за најголемиот македонски open-air фестивал. Непосредно пред него, публиката беше сведок и на еден од најмоќните рок-концерти што некогаш се одржале на домашна фестивалска сцена — британските IDLES, со настап исполнет со сурова енергија и бескомпромисен сценски перформанс, кој голем дел од посетителите го издвоија како едно од најсилните музички доживувања на овогодишното издание. Третиот фестивалски ден донесе уште низа извонредни концерти на Peach Vice, KOIKOI, Hiljson Mandela, Fiction и DJ Flooder, кои со своите различни музички изрази ја збогатија жанровската разновидност по која Д Фестивал е препознатлив.
Последната вечер беше повеќе од јасно дека никој не сака да запре оваа магична Д Фестивалска авантура. По последниот тон од Главната бина, прославата продолжи на омилената сцена Shorty P Stage — именувана по Панчо од ДНК, кој претходно ја курираше истата сцена на Д Фестивал, тогаш под името Lake Awake. Под новото име, колективот Sure Shotz и нивните диџеи приредија епска завршна журка под Исарот, испраќајќи ги посетителите со истата енергија со која Д Фестивал ги пречека три дена претходно.
Овогодишното издание уште еднаш покажа зошто Д Фестивал повеќе од шеснаесет години е еден од најзначајните културни и музички настани во Македонија и вистински бастион на слободата, младешкиот дух, современата уметност и културната размена. Штип уште еднаш покажа дека е совршен домаќин на најголемиот македонски open-air фестивал, а десетиците илјади посетители уште еднаш потврдија дека Д Фестивал не е само музички настан — туку заедница, искуство и традиција на која секоја година верно ѝ се враќаат.













