Од ЕСМ веќе кажаа дека Термоелектраната Битола 2 е успешно синхронизиран со електроенергетскиот систем вчера во 18:24 часот. Термоблокот веќе испорачува електрична енергија според потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
И додаваат дека ова, како што велат брзо оспособување на Блокот е резултат на натчовечкиот напор и посветеност на вработените во комбинатот, кои работеа неуморно за да го вратат во функција во најкус можен рок.
Сега поради очекуваниот зголемен конзум за време на најавениот топлотен бран, денеска во попладневните часови ќе започнат активности за привремено ставање во функција и на Термоблокот 3, а гасење на ТЕ Осломеј. Се очекува блокот 3 да биде синхронизиран на мрежа кон крајот на денот, со што во деновите на зголемена потрошувачка РЕК Битола ќе работи со две третини од својот инсталиран капацитет.
Ова значително ќе придонесе кон понатамошно зачувување на хидропотенцијалот во услови на зголемен и целосно покриен конзум, додаваат од ЕСМ.
„И покрај непланираниот застој на производството на ТЕ Битола 2 поради причини кои се предмет на истрага кај соодветните институции, АД ЕСМ презеде брзи мерки. Во изминатите денови беше зголемено производството од хидроелектраните, а со оптимизација на потенцијалите, резервите на вода за производство на електрична енергија и натаму се задржани на ниво од 50 отсто.
АД ЕСМ продолжува внимателно да ја следи состојбата со топлотниот бран, соодветно реагирајќи со балансирано производство во согласност со потребите на системот“ стои во соопштението на ЕСМ.
Фото: Архива












