Скоео 577 милиони денари вредат 194 договори за јавни набавки на Општина Битола опфатени со најновиот извештај за јавните набавки во македонските општини што го објави Центарот за граѓански комуникации. Пет фирми учествувале со околу 62,5 проценти од вкупно потрошените пари. Кои се најголемите добитници на општински договори.

Кога општината троши јавни пари, важно е не само колку средства се планирани, туку и кому му се доделуваат договорите. Извештајот за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации за Општина Битола опфаќа 194 договори, со вкупна вредност од 576 милиони 835 илјади денари со вклучен ДДВ. Немале договорни податоци за уште 23 други јавни набавки.
Договорите што ги анализирале се евидентирани кај 88 различни фирми. Но, кога вредностите ќе се соберат по фирма, се забележува дека најголем дел од парите се концентрирани кај релативно мал број компании.
На врвот на листата е битолската фирма „Стентон Градба“. Во анализираниот извадок за Битола таа има пет договори, со вкупна вредност од речиси 156 милиони денари. Тоа е околу 27 проценти од вкупната вредност на сите опфатени договори. На второто место е „БВ Инженеринг“ од Битола, со четири договори вредни повеќе од 86,5 милиони денари. Следуваат „МЗТ Инженеринг“, „Зимак“ и „Јоскатранс-Трејд“.

Само овие пет фирми имаат договори вредни вкупно околу 360,5 милиони денари, скоро две третини од вкупната вредност во анализата. Тоа е значителна концентрација на договорените средства, вели анализата.
Но, бројките сами по себе не покажуваат дали имало ограничена конкуренција, дали понудите биле конкурентни или дали договорите биле доделени согласно сите законски правила. За тоа се потребни дополнителни проверки на тендерската документација, бројот на понудувачи, избраните постапки и реализацијата на договорите, признаваат аналитичарите во Извештајот.
Посебно внимание заслужува и тоа што меѓу најголемите договорни партнери има фирми од Битола, но и компании од други градови. Во листата се појавуваат и јавни комунални претпријатија. Клучното прашање е дали концентрацијата произлегува од неколку големи инфраструктурни проекти или од поширок образец во доделувањето на јавните набавки.
Општинските договори се јавни, а јавните пари бараат проверлива отчетност. Затоа, следниот чекор е да се утврди колку понудувачи учествувале на тендерите, по кои критериуми биле избрани најголемите компании и колку од договорените средства навистина биле исплатени. Зашто, вредноста на договорот е само почеток на проверката, не е доказ дека целата сума е потрошена односно не е информација дали Општината должи.











