Со концерт на „Леб и сол” во античкиот локалитет Хераклеја, беше отворено 17 издание на Битолското културно лето. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, потенцирајќи дека БИТ ФЕСТ е фестивал кој ја слави Битола како град на културата, уметноста и традицијата.

„Годинава сме особено горди што фестивалот продолжува да расте, што имаме добра програма и што заедно со уметниците, институциите, но и со секој од вас, ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола.

Искрено им благодариме на сите кои вложуваат во културниот живот на нашиот град, особено на Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка.
Благодарение на ангажманот на бројни уметници, организации и културни институции, со задоволство најавуваме дека фестивалските настани ќе траат сè до 31 август“ рече Коњановски.

Културното лето во Битола има континуитет повеќе од 48 години. Од некогашните Хераклејски вечери, во 2006 година, организацијата на културното лето ја презема Општина Битола, а овој настан се трансформира во препознатливиот битолски фестивал — БИТ ФЕСТ, кој во текот на летниот период, значително го збогатува културниот живот во градот.













