Случувањата околу Алта банка Битола и заштитата на финансиските средства на граѓаните биле во фокусот на вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Партиското раководство наведе дека државните институции активно постапуваат за изнаоѓање решение кое ќе ги заштити интересите на банката со седиште во Битола, но посочи дека во моментов нема прецизна временска рамка кога проблемот ќе биде целосно надминат.
По повод ситуацијата со битолската банка, од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ упатиле остри обвинувања кон опозицијата и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Според заклучоците на партискиот врв, јавните настапи на Филипче се оценети како „антидржавно делување“ насочено кон подривање на финансискиот систем, ширење параноја и саботажа на банкарскиот сектор. Од владејачката партија сметаат дека ваквиот пристап на опозицијата води кон дестабилизација на банката и директно ги загрозува заштедите и парите на илјадници граѓани.
Покрај прашањето за „Алта банка Битола“, на седницата биле разгледани и актуелни политички и внатрепартиски теми. Усвоена е агенда според која координаторите од Извршниот комитет во претстојниот период ќе ги посетат општинските и месните комитети на партијата низ државата.











